Новиот натурализиран играч во македонската репрезентација Итан Хап в петок ќе дебитира во дресот на националниот тим на дуелот против Естонија.
Вчера тој им се приклучи на соиграчите и веќе ги пренесе првите импресии од селекцијата која е негов нов предизвик во кариерата.
„Среќен сум што го доживеав ова, возбудливо е за сите нас, а особено за мене бидејќи е голема чест што сум Македонец и што ќе играм за Македонија. Ни претстои голема борба против Естонија и Полска и возбуден сум поради она што не очекува.
Естонија има многу талентирана репрезентација. Во минатото, тоа не беше кошаркарска земја, но во моментов има добар тим, со неколку квалитетни евролигашки кошаркари, па ќе мораме да извадиме се од нас за добар резултат.
Имаме големи очекувања како тим, но одиме чекор по чекор и не мислиме на крајниот исход. Фокусирани сме само на Естонија, а потоа ќе размислуваме на следниот противник. Се надевам дека ќе бидеме максимално подготвени до петок“, рече Хап.
Тој е првпат во Македонија и првпат има контакт со репрезентацијата и сите во земјава. Засега се чувствува добро, но многу поважно е како ќе се покаже на теренот.
„Презадоволен сум од приемот овде, сите се гостопримливи, почнувајќи од Перо Антиќ, па до соиграчите во репрезентацијата. Убаво ми е, работиме на хемијата во тимот, имаме само неколку дена, но се обидуваме максимално да ги искористиме“, додава кошаркарот на Гран Канарија.


