Српскиот кошаркар Никола Топиќ ја помина хемотерапијата и официјално го победи канцерот на тестисите кој му беше дијагностициран пред неколку месеци, објави неговиот менаџер Мишко Ражнатовиќ.
Пред новогодишните празници тој се приклучи на тренинзите на Оклахома Сити Тандер, но Ражнатовиќ откри дека деновиве од докторите добил потврда дека болеста е минато.
„Хемотерапијата е успешно завршена и тој се враќа во нормален тренажен процес иако остана активен и за време на терапијата“, објасни познатиот менаџер.
Тој исто така изрази оптимизам во врска со блиската иднина на Топиќ, наведувајќи дека очекува наскоро да го види во Развојната лига и во НБА иако не наведе конкретни временски рамки. Србинот уште не дебитирал во НБА лигата и покрај тоа што во Оклахома се пресели во 2024 година. Минатата сезона ја пропушти поради повреда на лигаментите на коленото, а пред почетокот на оваа се соочи со уште поголем проблем кој се закани да му ја уништи кариерата. И покрај сето тоа, Топиќ може да се пофали со шампионска титула во НБА бидејќи минатата сезона беше член на Оклахома Сити Тандер.


