Хрватскиот репрезентативец Марио Хезоња синоќа го одигра можеби последниот натпревар за Реал Мадрид во Евролигата бидејќи постојано се зборува дека летово ќе го напушти шпанскиот гигант.
Лани имаше голем придонес во освојувањето на титулата во Евролигата, но на годинашниот Ф4 во Берлин не беше на посакуваното ниво. Тоа и го призна во првата изјава по финалето.
„Јас сум виновен, не можев шут да погодам на двата натпревара. Денеска јас го загубив мечот, ја загубив титулата за мојот тим. Не знам што се случува, криво ми е, се срамам“, изјави Хезоња и остана на својата констатација и покрај сугестијата дека еден играч не може сам да загуби натпревар.
Завршниот турнир не почна лошо за него, на дуелот против Олимпијакос погоди три тројки во првата четвртина, но се потоа одеше во спротивна насока. Полуфиналето го заврши со шут за тројка 3/11, а вчера имаше 1/7 и само осум поени за безмалку 32 минути на теренот.


