Хрватскиот репрезентативец Марио Хезоња по се изгледа ќе се врати во тимот на Барселона, девет години откако го напушти каталонскиот тим за да се пресели во НБА.
Претходните две сезони тој беше член на Реал со кого лани триумфираше во Евролигата, а годинава ја освои тројната круна. Во текот на сезоната постојано се шпекулираше дека ќе си замине, но главен фаворит за неговиот потпис беше Панатинаикос со чии навивачи е во голема љубов.
Последните денови дошло до голем пресврт бидејќи во приказната влезе Барселона и менаџментот на каталонскиот клуб успеал да го убеди Хезоња да се врати во Каталонија каде играше од 2012 до 2015 година. Барса излегла со силна финансиска понуда – четиригодишен договор за плата од три милиони евра по сезона или вкупно 12 милиони ако остане до крајот.
Сега се чека само одлуката на Реал кој има можност да го задржи Хезоња, но прашање е дали сака да го направи тоа. За да се случи такво нешто, „кралскиот клуб“ мора да ја израмни понудата на Барселона, а со оглед на неодамнешното продолжување на договорот со Таварес за двојно повисока плата од досегашната (над 5 милиони евра по сезона), буџетот е потрошен и нема средства за нови акробации. Рокот за Реал да ја израмни понудата на Барселона е 30 јуни кога истекува договорот на Хезоња. Интересно е тоа што хрватскиот репрезентативец пред два дена, непосредно по освојувањето на титулата во Ла Лига, ги испофали навивачите на Реал затоа што „го прифатиле кога никој не го сакал“ и порача дека сака да остане за да им се оддолжи за поддршката, а веќе денеска се договорил со Барселона.
Хезоња ќе биде трет кошаркар кој ќе си замине од Реал ова лето. Претходно Руди Фернандес објави крај на кариерата, а Серхио Родригес најверојатно ќе продолжи во Тенерифе.


