По шест години минати во европската кошарка, Марио Хезоња и официјално се врати во НБА, потпишувајќи едногодишен договор со Кливленд Кавалирс. Сепак, во договорот е вклучена важна клаузула која му остава голема флексибилност на американскиот клуб.
Според информациите на американските медиуми, договорот на хрватскиот кошаркар е негарантиран, а неговата плата од 2,8 милиони долари ќе стане целосно загарантирана само доколку остане во составот на Кливленд по 15 ноември. Тоа значи дека Кавалирс ќе имаат можност да го проценат неговиот придонес за време на подготовките и првите недели од новата сезона пред да донесат конечна одлука. Ако не бидат задоволни, Хезоња може да се врати во европската кошарка, а интерес за него веќе покажаа Олимпијакос и Дубаи.
Хрватот неодамна стави крај на четиригодишната авантура во Реал Мадрид, каде беше еден од најважните играчи на тимот. Минатата сезона ја освои МВП наградата во шпанската АЦБ лига, а со „кралевите“ освои бројни трофеи, меѓу кои и титулата во Евролигата во 2023 година.
За 31-годишниот крилен кошаркар ова ќе биде враќање во најсилната кошаркарска лига по шестгодишна пауза. Во својата прва НБА етапа настапуваше за Орландо Меџик, Њујорк Никс и Портланд Трејл Блејзерс, а сега ќе се обиде повторно да се докаже во дресот на Кливленд.


