Покрај Денвер и Лос Анџелес Клиперс, „мајсторка“ за пласман во втората рунда од плејофот ќе играат и екипите на Хјустон и Голден Стејт.
Хјустон Рокитс утринава ја спаси и втората меч-топка во серијата со Вориорс и на домашен терен ќе одлучува за својот пласман во следната фаза. Тимот од Тексас славеше како гостин со 115-107 и резултатот во оваа серија сега е 3-3.
Во текот на целиот натпревар Хјустон успеваше да одржи мала предност, најчесто до два-три поседи за во последната четвртина да го извадат најдоброто од себе. Го натераа Стеф Кари да упати низа тешки шутеви што тотално ја измести играта на Голден Стејт. Гостите го искористија тоа за со серија од 17-5 да дојдат до недостижни 103-89, а за очајот на Вориорс најдобро зборува тоа што во последната четвртина шутираа 1/13 за тројка.

Кари беше најефикасен со 29 поени, но бадијала тоа кога за тројка имаше 6/16. Батлер се обиде да го надополни тоа, постигнувајќи 27 поени, 9 скока и 8 асистенции, ама и тоа не помогна Голден Стејт да дојде до триумф. Ванвлет го предводеше Хјустон со 29 поени, 8 скока и 8 асистенции, додека Шенѓун оствари дабл дабл со 21 поен и 14 скока.
Седмиот натпревар од серијата се игра в понеделник рано наутро, од 2:30 часот на теренот на Хјустон.


