Еден од најдобрите центри во НБА во својата генерација, Двајт Хауард реши да се врати од пензија и повторно да заигра професионална кошарка.
Четириесетгодишниот Хауард ќе настапува за Блек Фортрес Тбилиси, клуб кој неодамна обезбеди пласман во Суперлигата на Грузија. Интересно е што Хауард е роден во Атланта, американската сојузна држава Џорџија, па самиот кошаркар се пошегува со својата нова дестинација.
„Џорџија, доаѓам! Не во мојот дом во Атланта, Џорџија, туку во Тбилиси, Џорџија (англиското име за Грузија е Џорџија н.з.)“, напиша Хауард на социјалните мрежи.
Хауард неодамна објави дека става крај на кариерата, но сега се предомисли откако добил понуда од клуб во кој, како што вели, навистина го посакуваат.
„Решив, откако видов место каде што навистина сакаат да бидам, да ја насочам мојата енергија таму. Значи, официјално е – ’Супермен’ е на пат кон Грузија“, порача Хауард.
Последниот професионален ангажман на искусниот центар беше во сезоната 2022/23, кога настапуваше за Таојуан Тајван Бир Леопардс во Тајван. Претходно имаше кратки епизоди и во Дубаи и Монголија.
Хауард во текот на блескавата НБА кариера настапуваше за повеќе клубови, меѓу кои Орландо, Хјустон, Лос Анџелес Лејкерс и Атланта, а осумпати беше избран за Ол-стар. Сега „Супермен“ ќе има нова, прилично егзотична станица во кариерата – Тбилиси. Неговото доаѓање веќе го стави клубот од грузиската престолнина во центарот на вниманието на светската кошаркарска јавност.


