Поранешниот европски шампион Сплит остана без шанси за опстанок во АБА лигата откако синоќа загуби со 72-95 од Мега во Белград во претпоследното, деветто коло од плеј-аутот.
За продолжување на надежите за опстанок, на Сплит му требаше триумф над Мега, а потоа и против Спартак во последното коло. Сепак, шестиот натпревар на „жолтите“ на гостински терен кај Мега заврши и со шести пораз, па домашниот натпревар против Спартак во петок на „Грипе“ ќе биде проштален натпревар за регионалната елита.
Сплит е еден од најголемите клубови во историјата на европската кошарка. Под името Југопластика, освои две последователни титули европски шампион, во 1989 и 1990 година, а третата, во 1991 ја освои под името Поп 84. Покрај тоа, Сплит беше шесткратен шампион на Југославија, петкратен победник на Купот на Југославија, двоен победник на Купот Кораќ, а во независна Хрватска има една титула во националното првенство од 2003 година.
Во меѓувреме, исчезна од врвот на регионалната кошарка, со години не е стабилен член на најсилната АБА класа, играше и во АБА 2 лигата, а во 2020 година на контроверзен начин доби место во елитата, за сметка на МЗТ Скопје во сезоната која не се доигра поради корона пандемијата. АБА неочекувано одлучи во АБА 1 да влезат првопласираните две екипи, па Сплит го освои второто место поради подобриот биланс против МЗТ и тоа за само седум поени (двете екипи имаа идентична кош-разлика).
По ова, Хрватска останува со само еден претставник во АБА лигата иако лани имаше три. Цибона испадна минатата сезона и потоа одби да игра во АБА 2, сега испаѓа и Сплит и единствен тим во АБА на некогашната светска кошаркарска велесила останува шампионот Задар.


