Хрватската машка репрезентација до 16 години ги продолжи подготовките за Европското кадетско првенство Б-дивизија со настапот на силен меѓународен турнир во Истанбул.
Во конкуренција со Германија, Литванија, Турција, Грција и Летонија, „коцкестите“го освоија првото место за кревање на самодовербата пред шампионатот што од 6 до 15 август ќе се одржи во Македонија.
Хрватска го отвори турнирот со победа над Германија од 93-72. Вториот натпревар во групата против Литванија донесе многу поголема неизвесност, а Хрватска на крајот победи со 78-75, по продолжение. Во финалето падна Грција која Хрватите ја совладаа со 76-71. Во мечот за трофејот блескаше Лука Укиќ со 29 поени, пет скока и осум асистенции.
Хрватска се наоѓа со Македонија во истата група која своите натпревари ќе ги има во Гевгелија. „Коцкестите“ се едни од фаворитите не само во оваа група, туку воопшто на Европското првенство.


