Поради неизвесноста околу АБА лигата која траеше до пред неколку часа, се уште не е познат точниот состав на екипи кои претстојната сезона ќе учествуваат во АБА 2 лигата.
Регионалните медиуми лицитираат со 15 од можните 16 екипи, а меѓу нив нема ниеден хрватски клуб. Многу веројатно нема да учествува ни Цибона која денеска не доби поддршка од останатите клубови да остане во елитната дивизија со тоа што би го откупила своето место за 250 илјади евра. Поранешниот европски шампион, како основач на регионалната лига, смета дека местото не му е во АБА 2 и по се изгледа ќе ја прескокне следната сезона.
Во Хрватска генерално не постои речиси никаков интерес за АБА 2 лигата што и не е големо изненадување ако се знае дека пред неколку години Федерацијата лично ги стимулираше клубовите да се откажат од јадранското друштво и да се преселат во други натпреварувања. Неофицијално, им било понудено на Кварнер и Цедевита да учестуваат во АБА 2, но тие одбиле, а Шибенка покажала интерес, ама не добила дозвола од Федерацијата.
Екипите за кои се тврди дека се сигурни до моментов за новата сезона во АБА 2 се: Морнар, Златибор, Војводина, Домжале, Широки, Подгорица, МЗТ Скопје, Сутјеска, Борац Бања Лука, Теодо, Вршац, Слобода, ТФТ, Терме и Јахорина. Последното место е резервирано за Цибона, но ако загрепчани дефинитивно се откажат, во комбинација за специјална покана, наводно, се босанскиот тим Студент Игокеа и македонскиот МКК Куманово.


