Плејмејкерот на Партизан, Алекса Аврамовиќ ќе се придружи на големата група играчи кои го напуштија белградскиот клуб ова лето.
Иако има договор и за идната сезона, српскиот репрезентативец ќе си оди од Партизан и својата кариера ќе ја продолжи во најтрофејниот руски клуб ЦСКА Москва. Договорот уште не е потпишан, но сите детали се договорени, а официјалната промоција ќе се одржи по Олимписките игри во Париз каде ќе настапи Аврамовиќ.
Искусниот кошаркар летово имаше понуди и од Париз и Дубаи, постоеше опција да остане во Партизан, но сепак ќе го продолжи егзодусот од белградскиот клуб со тоа што ќе заигра за ЦСКА. Тоа ќе биде и нова станица во неговата интернационална кариера имајќи предвид дека во минатото играше за Варезе, Уникаха и Естудијантес.
Од играчите кои минатата сезона играа за Партизан, извесно е дека ќе остане само Балша Копривица иако уште под договор се и Бруно Кабокло и Урош Трифуновиќ, а не се знае судбината на Нанели. Останатите, горе-долу, најдоа клубови каде ќе ги продолжат кариерите.


