Поранешниот освојувач на Купот на Македонија, ТФТ е единствен тим со максимален ефект по четири одиграни кола во Првата лига откако вечерва славеше на гостувањето кај Феникс со 80-63.
Уште еднаш до израз дојде тимскиот дух на тимот од Тафталиџе бидејќи, како и на претходните натпревари, сите играчи го дадоа својот придонес во триумфот. ТФТ водеше безмалку цел меч, со исклучок на првите четири минути во кои темпото го диктираше домашниот тим.
Феникс отвори со 7-2, но ТФТ одговори со 17-3 за предност од 19-10 на помалку од две минути пред крајот на воведниот период. На стартот од вториот период гостите дојдоа до првата двоцифрена предност (23-13), Феникс потоа постигна седум поени во низа, но многу дилеми околу победникот беа решени пред крајот на полувремето, имајќи предвид дека ТФТ имаше 49-33. Во второто полувреме гостинскиот тим рутински ја сочува предност, Феникс се закануваше со повремени блесоци, но не успеа да го загрози триумфот на ТФТ.
Страхил Николов беше убедливо прво име на натпреварот и за три асистенции остана покус од трипл дабл, постинувајќи 16 поени, 12 скока и 7 асистенции. Покрај него, двоцифрен ефект имаа и останатите членови на стартната постава на ТФТ. Митревски и Марфи со по 17 поени го предводеа Феникс со тоа што Американецот додаде уште 13 скока.


