Откако денеска Марјан Србиновски официјално се врати на тренерската клупа, истото го направи уште еден поранешен селектор на Македонија.
Паузата на Александар Јончевски не траеше многу долго, тој минатата сезона работеше во унгарскиот Атомерому, но по само неколку месеци се раздели со клубот и оттогаш беше без ангажман. Во новата натпреварувачка кампања, тој повторно ќе работи во косовското првенство и тоа во тимот на Велазними од Ѓаковица.
За него тоа ќе биде враќање во косовската кошарка откако претходно ги водеше Трепча и Башкими, а седнува на клупата на тимот кој минатата сезона беше последнопласиран и требаше да испадне, но административно е вратен во елитната дивизија. Раководството на клубот го искористи тоа и со високи амбиции ја дочекува новата сезона, најави реновирање на екипата и со Јончевски на клупата ќе се обиде да ги остави зад себе проблемите.
Ангажманот на Јончевски ќе значи дека двајца македонски стручњаци ќе работат во косовското првенство претстојната сезона. На клупата на Раховеци е поранешниот тренер на Работнички и Еуро Никел, Горан Самарџиев кој токму со Велазними минатата кампања водеше жестока битка за опстанок.


