Егзодусот на кошаркари од редовите на Партизан ќе го продолжи бразилскиот репрезентативец Бруно Кабокло иако тој беше под договор и за претстојната сезона.
Неодамна, претседателот на Партизан, Остоја Мијаиловиќ рече дека Кабокло ќе плати казна поради тоа што ненајавено го напуштил тимот среде сезона, но сепак во клубот сметаат на него и во иднина. Агентот на Кабокло, Даниел Хазан не го дели ова мислење.
„Знаете дека Бруно го напушти Партизан за да ѝ се приклучи на бразилската репрезентација. Мораше да направи тестови пред почетокот на подготовките, имаше клаузула во договорот според која клубот беше обврзан да му го дозволи тоа.
Освен тоа, Партизан должеше две плати. Во договорот има рок од 30 дена, колку што може клубот да доцни со исплатите, но и дека ние мораме во рок од седум дена од доцнењето, да испратиме меил со барање да се плати. Тоа го направивме, а не не добивме одговор, ниту парите се уплатени и затоа побаравме барање за раскин на договорот. Веќе донесовме одлука, Бруно нема да игра за Партизан“, изјави Хазан.
Тој е трет кошаркар кој сигурно ќе си замине од Партизан, по Кевин Пантер и Зек Ледеј. На излезна врата се уште Алекса Аврамовиќ и Ален Смаилагиќ, а многу веројатно, идната сезона меѓу „црно-белите“ нема да бидат ни Камински, Доузер и Нанели.


