Екипата на Уникс со победа на домашен терен ја отвори полуфиналната серија од плејофот во ВТБ лигата откако вечерва славеше против Локомотив Кубан со 78-75, во репризата на ланското финале.
Бранителот на титулата беше подобар во текот на целиот меч, имаше и двоцифрена предност, но во финишот дозволи противникот да се доближи и да му ја загрози победата. Сепак, во клучните моменти на сцена стапи Ненад Димитријевиќ кој го реши прашањето околу победникот.
Нашиот кошаркар не го одигра својот најдобар натпревар, од игра шутираше 4/19 (3/10 за два, 1/9 за три), но го заврши мечот како втор стрелец во својот тим со 16 поени. Осум од нив постигна во последните две минути од натпреварот кога Локомотив Кубан се закани дека може да направи пресврт. Димитријевиќ со тоа уште еднаш покажа колку е значаен за својот тим, дури и на натпревари кога не му оди најдобро.
Вториот натпревар се игра в среда, повторно на теренот на Уникс, а пласман во финалето ќе обезбеди тимот кој прв ќе стигне до четири победи.


