Информациите на српските медиуми во врска со состојбата на Богдан Богдановиќ денеска ја потврди и Кошаркарскиот сојуз на Србија (КСС).
Капитенот на репрезентацијата има руптура на мускулот на задната ложа поради што не може да му помогне на тимот во продолжение од Европското првенство. Уште повеќе, Богдановиќ ја напушта Рига и до крајот на шампионатот физички нема да биде покрај своите соиграчи кои ќе се обидат да дојдат до континенталната титула.
„Богдан Богдановиќ нема да игра во продолжение од Европското првенство поради повреда на задната ложа што ја доживеа на натпреварот против Португалија во второто коло од групната фаза на натпреварувањето. На Богдановиќ му е утврдена руптура на мускулот на задната ложа која го оневозможува да игра. Во договор со неговиот клуб Лос Анџелес Клиперс, капитенот во следниот период ќе биде на интензивни терапии во САД за што побрзо да заздрави“, пишува во соопштението на КСС.
До крајот на групната фаза, Србија ја очекуваат дуели со Чешка и Турција по што ќе го почне нокаут делот откако веќе обезбеди пласман во осминафиналето.


