Лос Анџелес Лејкерс славеше со 134-127 на гостувањето кај Мемфис во исклучително важниот натпревар за изгледот на табелата во Западната конференција.
Мемфис неодамна направија чуден потег и го отпуштија тренерот, па на синоќешниот меч на клупата дебитираше финскиот стручњак Томас Исало. Гостите почнаа силно, убедливо ја добија првата четвртина со39-28, домаќините се обидоа да се вратат во втората четвртина, но резултатската рамнотежа (33-33) значеше дека гостите ја задржаа двоцифрената предност на полувреме. Гризлис најдобрата игра ја прикажаа во третиот период, постигнувајќи 38 поени, но Лејкерс останаа смирени и обезбедија значајна победа.
Лука Дончиќ, Леброн Џејмс и Остин Ривс влегоа во историјата на НБА во победата на ЛА Лејкерс против Мемфис гризлис (134-127), откако станаа првата тројка во историјата на лигата што на еден натпревар запиша најмалку 25 поени, 5 асистенции, 5 скокови и 2 тројки.
Остин Ривс беше најзаслужен за триумфот со 31 поен, 7 скокови и 8 асистенции, реализирајќи 5 од 8 обиди за три поени. Дончиќ и покрај послабата реализација за три поени (2/9), забележа 29 поени, 8 скокови и 9 асистенции. Леброн Џејмс го надополни учинокот со 25 поени, 6 скокови и 8 асистенции, продолжувајќи со својата конзистентна форма. Кај Мемфис, најдобар беше Дезмонд Бејн со 29 поени.
РЕЗУЛТАТИ
Вашингтон – Бруклин 112-115
Филаделфија – Мајами 95-118
Чикаго – Далас 119-120
Мемфис – ЛА Лејкерс 127-134
Оклахома – Индијана 132-111
Сан Антонио – Бостон 111-121


