Безмалку два месеца поминаа од трејдот кој ја потресе НБА лигата, а во кој во главна улога беше словенечката суперѕвезда Лука Дончиќ.
Навивачите на Далас се уште не можат да поверуваат дека најдобриот играч во тимот беше разменет, додека оние на Лос Анџелес Лејкерс имаат можност да уживаат во новиот тандем. Во врска со трејдот, секодневно излегуваат нови информации, а таква е и онаа објавена од Маркус Морис кој откри дека во него учествувал и лично Леброн Џејмс.
Гостувајќи во еден поткаст, тој објави дека Леброн инсистирал заедно со Дончиќ, во Лејкерс да дојде и неговиот брат Маркиф Морис.
„Луѓето не знаат дека Маркиф и Лука имаат прекрасен однос. Затоа бараа тој да дојде со Лука, со цел да му помогне во адаптацијата бидејќи оди на ново место и му треба некој што го познава. Маркиф играше таму, ја знае организацијата и затоа Леброн побара тој да биде дел од трејдот“, изјави Маркус Морис.
Откако дојде во Лејкерс, Дончиќ просечно постигнува по 26,9 поени, 8,7 скока и 7,9 асистенции. Што се однесува до Маркиф Морис, тој повеќе е присутен како морална поддршка, одигра седум натпревари од кои еден како стартер и реализира по 4,7 поени и 1,6 скокови.


