Последните два дена Светислав Пешиќ служи како вреќа за удирање и на навивачите и на стручњаците во Србија и речиси ниеден не застана во негова одбрана.
Меѓу оние кои жестоко го нападнаа е поранешниот тренер на МЗТ Скопје, Жељко Лукајиќ кој изнесе низа фактори што влијаеја на лошата игра на српската репрезентација.
„Ова не може да помине туку-така, селекторот Пешиќ и луѓето од Сојузот мораат да дадат објаснување. Скапо чинеше повредата на Богдановиќ, но останатите се избрани како златото да е веќе загарантирано. Да не беше Јокиќ, не знам како ќе изгледаше сето ова. Кога тој ќе излезеше од игра, никој повеќе не можеше да шутне од страна и тоа е алармантно. Се обидовме со Јовиќ на ‘четворка’, но губевме скок и примавме лесни поени. Се на се, прикажавме најгрда кошарка на Европското првенство“, рече, меѓу другото, Лукајиќ во својата анализа.
Србија пред шампионатот беше посочена како прв фаворит за титулата во сите анкети, па дури и на ФИБА, но не одигра ниеден квалитетен натпревар, ако се изземат оние на почетокот, против Естонија и Чешка кои не се нејзино ниво.


