Американецот Кендрик Нан, како што стојат работите, во иднина ќе игра за катарската репрезентација и со неа ќе учествува на Светското првенство идната година.
Веста која прво ја објавија грчките медиуми, подоцна е дополнета и гласи – Кендрик Нан ќе добие дури 30 милиони евра за петгодишен ангажман за селекцијата на оваа азиска држава. Очигледно тоа е сума на која беше невозможно да се каже „не“ иако е малку необично репрезентациите, односно федерациите да купуваат играчи или да им нудат парична компензација за да играат за националните тимови.
Катарската кошаркарска асоцијација ја помина последната година во вонредни напори да пронајде играч од светска класа кој ќе ја зајакне репрезентацијата за Светското првенство во кошарка во Доха (27 август – 12 септември), а изборот на крајот падна на плејмејкерот на Панатинаикос. Наводно, првиот избор на Катар бил НБА асот Тобајас Херис, пред сè затоа што неговиот помлад брат Тајлер Херис веќе бил натурализиран и игра за репрезентацијата. Сепак, подоцна се обратија до Нан и се согласија за договор каков што никогаш не е виден во светската кошарка. Барем не во оваа форма.
Катар веќе подолг период издвојува сериозни средства за изградба на соодветни сали, развој на младински објекти, како и дополнителна инфраструктура и зајакнување на клубовите во домашното првенство. Кендрик Нан беше голема желба на Турците, иако Ергин Атаман подоцна ја негираше таа приказна откако изборот падна на Малакај Флин. Грците исто така го сакаа, но Нан им се заблагодари за таа понуда.
Нан е поранешен играч на Лос Анџелес Лејкерс, со Панатинаикос има шампионска титула во Евролигата, а оваа сезона во Евролигата имаше просек од 18,3 поени, 3,5 асистенции, 2,7 скока и една украдена топка, за речиси 30 минути на теренот.


