Како што беше предвидено и најавено, актуелниот шампион на Македонија, МЗТ Скопје синоќа го одржа првиот тренинг пред почетокот на новата сезона.
Тимот не е комплетиран, па на стартот се појавија деветмина кошаркари, предводени од братскиот, шампионски тандем Војдан и Дамјан Стојановски. На тренингот присуствуваа и летните засилувања Брендон Слај и Милош Копривица, а веројатно идната недела МЗТ Скопје ќе биде комплетен бидејќи се преговара со уште неколку кошаркари.
Претстојната недела МЗТ Скопје ќе тренира во Скопје, а планирано е од 27 август до 1 септември да учествува на турнир во Кина. По враќањето ќе продолжат подготовките со пријателски натпревари, до официјалниот старт на сезоната, на 24 септември.


