Репрезентациите на Шпанија и Бразил обезбедија пласман на Олимписките игри во Париз откако триумфираа во финалните натпревари од турнирите во Валенсија и Рига.
Шпанците многу претпазливо и внимателно влегоа во дуелот со најголемата сензација Бахами, но на крајот триумфираа со 86-78. НБА триото Хилд-Ејтон-Гордон ја заврши својата работа и постигна 51 од вкупно 78 поени, но спречени беа соиграчите да им ја дадат неопходната помош. Клучна беше втората четвртина која Шпанија ја доби со 25-17, па до крајот на мечот, Бахами не се доближија на помалку од шест поени негатива.
На Олимписките игри, Шпанците ќе бидат во групата А, заедно со Грција која исто така вечерва обезбеди пласман во Париз, како и Канада и Австралија.
Летонија засега е единствената репрезентација која како домаќин не успеа да триумфира на олимписки квалификациски турнир. Во финалниот меч против Бразил, Летонците загубија со 69-94 и испуштија шанса првпат по 1936 година и првпат по распадот на СССР да се пласираат на најголемата светска спортска манифестација.
Блескаа Бруно Кабокло и Леонардо Меиндл кои постигнаа 21, односно 20 поени, а исходот на мечот беше познат уште по првата четвртина која Бразил ја доби со 34-11 со шут за тројка 8/8. Клучна беше серијата од 19-0 која ја заокружу Кабокло со тројка од својата половина. Бразил ќе биде во групата Б на Олимписките игри каде се уште Франција, Германија и Јапонија.
Останува вечерва да се добие последниот патник за Париз, на финалето од турнирот во Сан Хуан каде се среќаваат Порторико и Литванија. Победникот ќе игра заедно со Србија, САД и Јужен Судан.


