Македонската лига не е единствена која има проблеми со промоцијата на домашните кошаркари од што страда и репрезентацијата.
Тоа е тренд кој владее речиси секаде во Европа и покрај ограничувањата, односно лимитот на странци. На такво нешто се пожалија и Шпанците кои во првото коло од новата сезона се речиси минимално застапени.
Викендов беше одиграно првото коло од новата сезона во АЦБ лигата, на терените низ Шпанија се појавија 204 кошаркари, а само 41 од нив беа домашни играчи или точно 20 проценти. Лани имало 46 од вкупно 196 (23,4%), а сезонава од вкупно 216 кошаркари во сите екипи, само 48 се родени во Шпанија (22,2%).
Ако се земе предвид минутажата, од вкупно 3600 минути на деветте натпревари, Шпанците одиграле само 640 што е бедни 17,7%. Тоа е пад во однос на минатата сезона кога тој процент изнесувал 19,5%. Само пет екипи имале Шпанци кои играле најмалку 25% од вкупно време, односно 10 или повеќе минути: Валенсија, Жирона, Љеида, Манреса и Барселона. Мурсија и Гранада немале ниеден Шпанец на теренот во ниеден момент, додека Гран Канарија, Басконија, Рио Бреоган и Билбао искористиле домашни кошаркари само една минута.
Сето ова се одразува и на индивидуалните награди бидејќи во последните 10 сезони, откако се бираат најдобрите два тима во лигата, од вкупно 100 вклучени играчи, само осум се родени во Шпанија. Последниот МВП во АЦБ лигата роден во Шпанија е Серхио Љуљ во 2017 година, Миротиќ кој има шпанско државјанство го доби признанието во 2020 година, но тој е роден во Црна Гора. Покрај нив двајца, две МВП награди добија Аргентинци, две грузискиот кошаркар Ѓорги Шермадини и по едно Словенец, Босанец, Грк и Бразилец.
Сето ова е интересно од уште еден аспект. Последната деценија шпанските кошаркари доминираат на младинските првенства, МВП наградите многу често одат кај нив, но тие подоцна или не добиваат вистинска шанса во клубовите или млади заминуваат во САД каде играат во НЦАА или НБА лигата.


