Покрај Александар Костоски и Јован Александровски, екипата на Соколи денеска постигна договор со уште еден поранешен репрезентативец на Македонија.
Нов член на штипскиот клуб е Ивица Димчевски кој во Соколи се сели од Маџари со кого минатата сезона стигна до финалето од плејофот. Таму повторно ќе работи со Марјан Србиновски кој му беше тренер и во периодот додека го носеше дресот на Гостивар, но и со кого соработуваше во македонската репрезентација. Со Соколи, Димчевски потпиша договор на две сезони и не е исклучено тоа да биде негов последен клуб во кариерата.
Димчевски има 37 години и беше член на златната генерација на македонската репрезентација која во 2011 го освои четвртото место на Европското првенство во Литванија. Од таа екипа, покрај него, активни се само уште браќата Војдан и Дамјан Стојановски кои играат во МЗТ Скопје.
Во неговата кариера, која трае безмалку две децении, Димчевски играше и за Вардар, Торус, Куманово, Работнички, Струмица, Кожув, Гостивар, Еуроникел и Феникс. Искуството на еден од најдобрите шутери во македонската лига најдобро го почувствуваа неговите соиграчи од Маџари каде беше еден вид тренер на паркетот и „десна рака“ на шефот на стручниот штаб Миодраг Тодоровиќ од кого е повозрасен осум години.


