Оклахома Сити Тандер го победи Хјустон Рокитс со 125-124 по две продолженија на отворањето на новата НБА сезона.
Актуелниот шампион дојде до победата благодарение на поените од МВП од минатата кампања, Шеј Гилџес Александар од линијата за слободни фрлања на 2,3 секунди пред крајот на второто продолжение на спектакуларниот натпревар. Најдобриот играч во лигата го заврши натпреварот со 35 поени (1/9 за три, 10/14 слободни фрлања). На другата страна, блескаше Алперен Шенѓун со 39 поени, 11 скока и 7 асистенции.
Ударниот адут на домашниот тим Гилџес Александар го „преспа“ првото полувреме, во кое постигна само пет поени, само за да експлодира со 30 во второто полувреме.
Најзаслужен за првиот триумф на Тандер во новата сезона, покрај Шеј, беше Чет Холмгрен со 28 поени и 7 скока како и Еј Џеј Мичел, кој постигна 16 поени, од кои четири во еден напад (тројка, фаул, дополнително фрлање) во првото полувреме.
Хјустон можеше да победи во „регуларниот“ дел од натпреварот, но шансата ја пропушти веројатно најдобриот поединец на натпреварот Шенѓун. Претходно, за првото продолжение се погрижи Гилџес Александар, кој стануваше сè подобар и подобар како што натпреварот се приближуваше кон крајот (104-104). Кога Холмгрен погоди тројка на крајот од првото продолжение и ѝ донесе на Оклахома водство од 115-111, се чинеше дека победникот е решен. Домашните имаа шанса дефинитивно да го завршат натпреварот, но Дорт промаши отворена тројка, а потоа Смит го блокираше Холмгрен, кој во тој момент го направи и шестиот прекршок.
Окоги упати два удара (115-113), а потоа се случи уште една голема судиска неправда, очигледен прекршок од Шенѓун врз Карус не беше досуден по што Турчинот израмни на девет секунди до крајот (115-115). Сепак, се дојде на наплата во второто продолжение во кое Оклахома, сепак, дојде до победата.
Пред почетокот на мечот, во Чејс центарот имаше прослава бидејќи на домашните кошаркари и стручниот штаб им беа доделени шампионските прстени за историската титула освоена минатата сезона.


