Поранешниот македонски репрезентативец Владо Илиевски ја завршува сезоната во која работеи како спортски директор на словенечкиот гигант Олимпија, клуб во кој и тој самиот се профилираше како играч.
Договорот е со важност од една година и не е продолжен, а Илиевски ја откри фактичката состојба во клубот. Сезоната е при крај, Олимпија игра во финалето од домашниот плејоф, но таа е оценета како неуспешна за што навивачите го обвинуваат Илиевски. Тој тврди дека ништо од тоа не е негова вина бидејќи не учествувал во одлучувањето за големите работи.
„За да се објасни целата ситуација, треба да се почне од стартот. Јас влегов во клубот минатото лето, а договорот со Симоне Пјаниџани бил направен неколку недели пред моето доаѓање. Во тој период, Олимпија имаше 11 кошаркари со важечки договори, а нивните плати го покриваа целиот наш годишен буџет. Меѓу нив беа и Едо Муриќ за кого уште тогаш беше јасно дека ќе ја пропушти цела сезона и Зоран Драгиќ кој беше на платен список, а сепак доби дозвола да бара нова средина. И покрај тоа, на Пјаниџани му беше дозволено да го крои тимот според неговите желби и тој остави шестмина од тие 11 играчи.
Пјаниџани е тренер со респектабилна биографија, но тој сите свои успеси ги остварил со клубови со екстра високи буџети што значи дека при секој проблем, менаџментот му помагал со купување нови играчи. Филозофијата на Олимпија беше сосема поинаква од тоа. За кратко време стана јасно дека Пјаниџани нема да ја оствари идејата за развој на домашните играчи кои беа оставени настрана.
Јас иако бев спортски директор, не ја кроев политиката на клубот, моето влијание беше минимално. Се обидов многу работи, но многу брзо сфатив дека сезоната нема да се движи во вистинската насока. Доаѓањето на Клемен Препелиќ беше мој прв самостоен потег кој беше прифатен од клубот. Пјаниџани беше против тоа бидејќи инсистираше на Шон Арманд. Клемен го крена тимот, но не можевме да го задржиме до крајот на сезоната и покрај тоа што јас инсистирав на тоа. Накратко, јас не оставив печат во клубот и тимот каков што сакав“, рече, меѓу другото, Илиевски во интервјуто за Спортклуб.
Олимпија во финалето од плејофот ќе игра против Хелиос Домжале и е голем фаворит за трофејот, но тоа нема да ја спаси сезоната. Најтрофејниот словенечки клуб доживеа дебакл во Еврокупот каде оствари само една победа на 18 натпревари, како и во АБА лигата каде беше елиминиран во четвртфиналето од младиот тим на Мега.


