Јуниорската репрезентација на Македонија можеби не го оствари пласманот што го очекуваше кошаркарска јавност во земјава (14. место на Б-Европското првенство), но неколку индивидуални ефекти покажаа дека во оваа генерација (2008) има играчи, можеби и цела петорка, кои можат во иднина да направат добри кариери на сениорско ниво, па дури и да бидат носители на македонскиот национален тим.
Впечаток е дека нешто му недостасуваше на тимот за да оствари подобар резултат, можеби причина беше неочекуваната селекторска смена во последен момент и покрај тоа што Миодраг Тодоровиќ „скокна“ на помош и даде се од себе, а можеби и повредите на некои од клучните кошаркари во текот на подготовките. Во дел од натпреварите, македонските репрезентативци играа одлично, но тоа не се огледа во резултатите.
Најдобар впечаток оставија бековите, капитенот Григориј Ѓорѓевиќ и Ѓорѓи Цветковски кои имаа меѓусебна жестока битка и во финалето од јуниорското првенство на Македонија. Двајцата завршија во топ-3 во дури три категории на Европското првенство.
Цветковски заврши како втор стрелец на првенството со просек од 17,3 поени, а подобар од него беше само Арон Она Ембо од Белгија кој постигнуваше по 25,3. Ѓорѓевиќ заврши на третото место во две категории – асистенции и украдени топки. Плејмејкерот на Вардар забележуваше по 6,4 асистенции по натпревари и остана зад Мате Катијашвили од Грузија (8,1) и Марек Хушка од Чешка (7,5), а имаше и 2,6 украдени топки со што пред него беа само Кирјакос Константину од Кипар и Дарио Чокара од Швајцарија со по 3,1.
Ѓорѓевиќ го има и најдобриот индивидуален ефект на еден натпревар на ова првенство со седум украдени топки, против БиХ и вториот најдобар ефект по бројот на асистенции на еден меч со 15 против Финска. Уште двапати имаше двоцифрен број асистенции на еден натпревар – против Шведска (11) и Велика Британија (10).
Што се однесува до првенството, титулата ја освои Холандија која во финалето ја совлада Полска со 71-57, а во А-дивизијата оди и Белгија која во мечот за бронзата беше подобра од Чешка со 81-64.


