Новиот селектор на македонската репрезентација дебитираше со победа на функцијата и продолжи онаму каде што во ноември застана Марјан Илиевски.
Македонија оствари значајна победа во првата претквалификациска фаза и сега е на чекор од вториот сегмент што е главна цел на нашиот национален тим. По мечот Жосеп Марија Берокал ги истакна своите импресии од дебито и најави уште подобри денови за репрезентацијата.
„Победата е важна за почетокот на овој проект. Не смееме да заборавиме дека сме заедно само четири дена што не е лесно и за мене како тренер и за тимот. Имаше добри работи, како трчањето и одбраната, но имавме и падови во играта што не смеат да ни се повторат. Им честитам на играчите поради тоа што немавме доволно време да се вклопиме.
Сакам да играме добра одбрана, не е лесно да се игра 40 минути на тоа ниво, но тоа е нашата цел. Задоволен сум од пристапот на играчите бидејќи главно го исполнија она што го побарав од нив. Треба само да го зголемиме бројот на добри минути во играта, да ја движиме подобро топката и да играме како тим, а не индивидуално“, рече новиот селектор.


