Крајот на март се ближи, а со тоа се зголемуваат и шпекулациите за тоа кој би можел да биде меѓу ко-сопствениците на амбициозниот проект на НБА лигата во Европа.
Влегувањето на фудбалскиот клуб ПСЖ се спомнува одамна, сопствениците на Њукасл дури се вклучија во приказната – независно од клубот, бидејќи сакаат франшиза во Лондон – а во игра се и Милан и Рома. Дури и сопственикот на „росонерите“ веќе го започна процесот на влегување во сопственичката структура, а уште еден клуб од Градот на модата – Интер – исто така ги изрази своите амбиции.
Ова го потврди и генералниот директор на „нераѕурите“, Џузепе Марота. Тој истакна дека сопствениците на клубот, инвестицискиот фонд „Оуктри Капитал“, внимателно го следат проектот НБА Европа.
Зборувајќи на еден настанот организиран од Милано Финанца, 68-годишниот спортски извршен директор се осврна на шпекулациите за можно дерби меѓу Интер и Милан, со цел да се обезбеди франшиза во претстојната континентална експанзија на НБА. Тој го истакна „исклучителниот однос“ помеѓу сопствениците на Интер и конкурентскиот инвестициски фонд РедБирд Капитал, управуван од Џери Кардинале, кој е сопственик на Милан. Марота додаде дека ги претставува спортските интереси на клубот, но дека проектот на НБА останува стратешка одлука на сопствениците.
„Немам вести или детали. Јас го претставувам Интер, а ова се однесува на сопствениците. Знам дека Оуктри е заинтересиран за овој проект, дека НБА сака да го донесе своето шоу во Европа и дека Милано е меѓу целните градови“, рече Марота
Заедничката иницијатива помеѓу ФИБА и НБА е закажана да започне во октомври 2027 година. Новата лига е замислена со 16 тима и ќе има 12 постојани франшизи во клучни центри како што се Лондон, Париз, Мадрид и Берлин. Милано е идентификуван како примарен центар за проширување, а надоместоците за лиценци за франшиза се проценуваат на дури 1 милијарда долари. Што се однесува до постапката за поднесување финансиски понуди, НБА отвори „виртуелна соба“ каде што се наоѓаат над 100 потенцијални инвеститори, од кои сите имаат пристап до податоци во врска со сопственоста на лиценцата. Крајниот рок за поднесување на првичните понуди е последниот ден од март.
За градот Милано, овој потфат се совпаѓа со тековните преговори помеѓу два фонда, Редбирд и Оуктри, во врска со изградбата на нов стадион, на местото на познатиот Сан Сиро. Овој проект сè повеќе се смета за клучна основа за создавање мултифункционален објект, кој би можел да организира и елитни фудбалски натпревари, но и да поддржи постојана франшиза во НБА Европа. Европските медиуми известуваат дека неговата реализација потенцијално би го трансформирала градот во кошаркарска престолнина на Европа.


