Селекторот на ирската репрезентација Мајкл Бри избра шест дебитанти на финалниот список од 12 кошаркари за претстојните дуели, вклучувајќи го и оној против Македонија во Скопје на 2 јули, во рамките на претквалификациите за Европското првенство.
Петмина од нив се од НЦАА и се на возраст меѓу 20 и 21 година, а шестиот е поранешниот играч на Вардар, Бен Стивенс кој е натурализиран играч во ирската репрезентација бидејќи е роден Канаѓанец. Иако помина краток период во Македонија, во Вардар имаат добри спомени од Стивенс за кого велат дека е исклучително квалитетен центар кој од Скопје се пресели во Германија, во екипата на Кобленц. Од тимот кој на 30 ноември играше против Македонија во Даблин, сега има само тројца кошаркари: Буивидас, Флуд и Алаџики.
Многу интересен е распоредот на Ирците до последните натпревари од претквалификациите. Деновиве тие заминуваат за Лос Анџелес каде на 28 јуни ќе одиграат пријателски натпревар против Ерменија. Оттаму директно доаѓаат во Скопје каде ќе се сретнат со Македонија на 2 јули, а три дена подоцна гостуваат на Азербејџан во Баку. Практично, за една недела ќе поминат половина свет.
За македонската репрезентација мечот со Ирска е од големо значење бидејќи со евентуална победа ќе го запечати првото место во својата група и ќе обезбеди пласман во следната фаза, а со тоа гостувањето во Луксембург ќе го направи безначајно.


