Патешествието на ирската кошаркарска репрезентација почна минатиов викенд со гостувањето во Лос Анџелес каде одигра пријателски натпревар против Ерменија.
Градот во Калифорнија бил избран на барање на Ерменците кои таму имаат бројна дијаспора. Ерменија славеше со 74-59, на задоволство на најголемиот дел присутни во салата на Кал Стејт Универзитетот.
Најефикасен во ирската репрезентација со 18 поени беше Шон Флод, еден од тројцата во актуениот состав кои играа против Македонија во ноември минатата година. Покрај него, се истакнаа Алаџики со девет и дебитантот Окоџи со осум поени.
Од Лос Анџелес, ирската репрезентација ќе допатува во Скопје каде в четврток го игра возвратниот натпревар од претквалификациската група за пласман на Европското првенство. Со оглед на тоа што селекторот Мајкл Бри повика шестмина дебитанти за овој „прозорец“ на ФИБА, сите на возраст меѓу 20 и 21 година, може да се заклучи дека Ирска прави репрезентација за иднината, а заморот од долгото патување од Калифорнија до Македонија може да биде уште една олеснителна околност за нашата репрезентација.
Со евентуална победа в четврток, македонската селекција дефинитивно ќе го освои првото место во групата и ќе оди во втората претквалификациска фаза која почнува во август.


