Кадетската репрезентација на Македонија со пораз го заврши настапот на Европското првенство од Дивизијата „Б“, кое изминатите денови се одржуваше во Македонија.
Во натпреварот за 13. место, Бугарија беше подобар противник и заслужено стигна до убедлив триумф со 102-62. Македонските кадети не успеаја да го повторат пристапот од претходните средби, па противникот постепено ја зголемуваше предноста и на крајот стигна до победа со 40 поени разлика.
Во последниот натпревар најпрецизни во македонскиот состав беа Александар Зунзуровски и Илија Коневски со по 13 поени, Котевски додаде 11, додека Дион Шабани средбата ја заврши со десет.
Со тоа, кадетската репрезентација на Македонија го заврши шампионатот на 14. место во конкуренција на 22 репрезентации и го израмни пласманот на јуниорите кои финишираа на истата позиција на шампионатот во Хрватска. Иако пласманот не е според посакувањата, првенството донесе драгоцено европско искуство за оваа генерација во која голем број кошаркари првпат играа во македонска селекција.
За младите македонски кошаркари ова беше важен чекор во нивниот развој, а стекнатото искуство треба да биде добра основа за понатамошен напредок и создавање на нови носители на македонската кошарка.


