Олимпијакос и Реал Мадрид вечерва ќе се сретнат во големото финале на Евролигата и ќе го одлучат европскиот шампион за оваа сезона.
Грчкиот тим влегува како мал фаворит во овој меч, во надеж дека ќе ја освои првата титула по пауза од 13 години, но никој не смее да го отпише Реал и неговиот шампионски менталитет. Голем проблем за „кралевите“ ќе биде тоа што нема да имаат класичен центар затоа што сите тројца се повредени, но тука се играчите на другите позиции кои се и тоа како опасни, пред се Марио Хезоња кој игра во животна форма.
Завршниот дел од сезонава многу наликува на 2022/23 кога исто така во финалето играа Олимпијакос и Реал Мадрид. И тогаш, по основниот дел Олимпијакос беше прв, а Реал трет, а мадридскиот тим во полуфиналето победи шпанска екипа (тогаш Барселона, сега Валенсија).
На крајот, титулата ја освои Реал кој во финалето славеше благодарение на кошот на Серхио Љуљ во последната секунда. Во Олимпијакос се надеваат дека ќе избегнат такво сценарио и ќе успеат да дојдат до четвртата титула во Евролигата. Ако се случи такво нешто, тимот од Пиреја ќе го прекине проклетството на првото место имајќи предвид дека ниеден досегашен лидер по основниот дел не успеал потоа да ја освои титулата. За Реал ова е четврто финале во последните пет години, но на претходните три, само еднаш славеше бидејќи во 2022 загуби од Анадолу Ефес, а во 2024 од Панатинаикос.
Финалето почнува во 20 часот, а првпат оваа година нема да се игра натпревар за третото место.


