Младата репрезентација на Словенија ја освои титулата на Европското У20 првенство чиј домаќин беше претходните десет дена, откако во финалето ја прегази Србија со 84-65.
Иако играше на домашен терен, малкумина веруваа дека словенечката селекција може до титулата, но на патот до неа покажа карактер во многу натпревари против големи фаворити, а против Србија одигра извонредно и сосема заслужено дојде до победата. Безмалку цело второ полувреме, предноста на Словенците беше двоцифрена, а на влезот на последниот период на семафорот стоеше 66-43.
Српските кошаркари се обидоа да се вратат во игра, намалија на 11 разлика (57-68), но тоа беше се од нив. Одлично функционираше шутот од дистанца на домаќините кои погодија 13 тројки, па на тој начин и се вратија на безбедна предност која подоцна им ја донесе титулата.
Ова е трета титула за Словенците на У20 европските првенства, првата ја освоија во 2000 година во Охрид, а триумфираа и четири години подоцна во Чешка и во двата случаја, во финалето го совладаа Израел. Србија се врати на подиумот во оваа конкуренција по пауза од 11 години од кога и датира последната титула. Сепак, Србите се најуспешни на У20 првенствата со пет титули, две повеќе од Шпанија, Франција, Грција, Словенија и Италија.
Синоќа заврши и У20 Европското првенство Б-дивизија што се одржа во Братислава, а на кое учествуваше и македонската репрезентација. Титулата ја освои Украина која во финалето го совлада Исланд со 74-64, а до третото место дојде Шведска која беше подобра од Португалија со 75-68. Македонија заврши на деветтата позиција со биланс од пет победи и два пораза.


