Репрезентацијата на Јужен Судан оствари победа во својот дебитански натпревар на Олимписките игри откако го совлада Порторико со 90-79.
За африканската селекција ова е прво учество на најголемата светска спортска манифестација, а до триумфот дојде благодарение на подобрата игра во второто полувреме кое го доби со 42-25. Еден од клучните моменти беше повредата на најдобриот порторикански кошаркар Хосе Алварадо кој мораше да го напушти теренот пред крајот на првото полувреме во кое постигна 19 поени. Тој се врати во игра на средина од третата четвртина, но до крајот на мечот реализира само седум поени.
Последниот квартал Јужен Судан го отвори 15-4 и тука го скрши отпорот на Порторико кој сега има минимални шанси да се пласира во следната фаза бидејќи во оваа група се уште репрезентациите на САД и Србија.
Новиот играч на Партизан, Карлик Џонс беше најдобар играч кај Јужен Судан со 19 поени, 7 скока и 6 асистенции, а се истакна и поранешниот член на МЗТ Скопје, Нуни Омот кој реализира 12 поени. Прво име кај Порториканците беше Хосе Алварадо со 26 поени.


