Во вториот меч од дебитантската сезона во Првата лига, екипата на МКК Куманово ја оствари првата победа, историска во постоењето на клубот.
На домашен терен, по голема борба, кумановци го совладаа Тиквеш со 93-89 по продолжение откако по 40 минути игра беше 79-79. Гостинскиот тим испушти предност од 13 разлика, а МКК Куманово го преживеа неверојатниот Мајкл Грин кој постигна речиси половина од поените на Тиквеш (44).
Тиквеш го диктираше темпото повеќе од 36 минути, а по серијата од 7-0 ги достигна највисоките +13 (31-18). На седум минути пред крајот водеше и со девет разлика (66-57) и се чинеше дека е на вистинскиот пат кон победата. Во следните черири минути, МКК Куманово направи целосен пресврт и дојде до предност од 72-70, на 80 секунди пред крајот имаше и +5 (77-72), а по слободното фрлање на Радукиќ и 79-76 на 14 секунди пред крајот. Во следниот напад домаќините не направија фаул навреме, па Квери погоди тројка со која израмни и се избори за продолжение.
Херој на МКК Куманово во дополнителните пет минути беше Марјан Јанески кој се разигра во вистински момент. По 84-81, тој постигна осум од следните девет поени на својот тим и буквално го неутрализира фантастичниот Грин.
Тадиќ и Радукиќ со по 25 поени го предводеа МКК Куманово, а Јанески заврши со 16. Спомнатиот Грин беше единствен со двоцифрен ефект во тимот на Тиквеш.


