Најдобриот тим од основниот дел од сезоната во НБА, Оклахома Сити Тандер со убедлив триумф ја отвори серијата од плејофот против Мемфис.
На домашен терен, Оклахома Сити славеше со 131-80 што е рекордна победа во НБА кога станува збор за прв натпревар од плејоф серијата и рекордна победа на овој тим на еден плејоф меч. Интересно е тоа што во сезоната 2021/22, Мемфис ја победи Оклахома со 152-79, а денеска стигна брутална одмазда за тој дебакл. Тоа, сепак, не е највисока плејоф победа во историјата на НБА бидејќи во 2009 година Денвер го совлада Њу Орлеанс со 121-63, Минеаполис Лејкерс беше подобар од Сент Луис Хоукс во 1956 година со 133-75, а Лос Анџелес Лејкерс во 1973 година го победи Голден Стејт со 126-70.
Од почетокот на мечот, домашниот тим доминираше на теренот, но веројатно никој не можеше да замисли дека натпреварот ќе заврши со толкава разлика. По првата четвртина беше +12 за домашниот тим, но потоа следуваше неверојатна серија од 25-2 по која Оклахома отиде на огромни +33. Највисоката предност на домашниот тим изнесуваше и 56 разлика.
Триумфот на Оклахома дополнително добива на значење ако се знае дека е остварен без конкретен придонес на најдобриот играч во лигата Шеј Гилџес Александер кој поради развојот на настаните доби поштеда и на мечот помина само 23 минути со ефект од 15 поени и лош шут од игра, 4/13.
Најефикасен беше Вигинс со 21 поен, Вилијамс додаде 20, Холмгрен оствари дабл дабл со 19 поени и 10 скока. Бегли со 17 поени го предводеше тимот на Мемфис. И вториот натпревар од серијата се игра на теренот на Оклахома, в среда рано наутро.


