Екипата на ТФТ го победи босанскиот тим Студент со 107-79 во седмото коло од АБА 2 лигата и дојде на милиметри од пласман во плејофот од регионалното натпреварување.
За тимот од Тафталиџе ова е рекордна победа во АБА 2 лигата, досега највисока беше онаа против Спарс во дебитантската сезона, со 102-78, а воедно само вторпат ја мина границата од 100 поени на еден натпревар. Покрај ова, ТФТ стигна до јубилејниот десетти триумф во АБА 2 имајќи предвид дека во првата сезона оствари три, во втората две и сега веќе има пет, на коло пред крајот на основниот дел. Со оглед на тоа што се наоѓа на четвртото место, треба да се поклопат многу резултати за ТФТ да не се пласира во плејофот од АБА 2.
Што се однесува до денешниот натпревар, иако со мали проблеми поради повреди, ТФТ ја оправда фаворитската улога и уште во првото полувреме ја обезбеди победата. Воведната четвртина ја доби со 29-18, на полувреме имаше 18 поени предност (50-32) и јасно беше дека противникот нема шанси за изненадување. Вториот дел мина во мирна игра, без многу возбудувања и ТФТ мирно го приведе мечот кон крајот.
Гордон со 24 поени беше најефикасен во македонскиот претставник, а уште петмина кошаркари имаа двоцифрен ефект. Во противничкиот тим настапи поранешниот младински репрезентативец на Македонија, Коста Ќириловски кој за речиси 27 минути на теренот постигна пет поени и седум скока.
Во последното коло, за точно еден месец, ТФТ гостува кај Јахорина во надеж дека ќе ја продолжи својата доминација против босанските клубови.


