Светскиот вицешампион Србија ја победи Австралија по продолжение со 95-90 и стана втор полуфиналист на Олимписките игри во Париз.
Начинот на кој „орлите“ стигнаа до следната фаза уште долго ќе се прераскажува бидејќи направија историски кам-бек. Србија стана прва репрезентација во постоењето на Олимписките игри што надополнила негатива од 12 разлика од полувреме (42-54), но уште поневеројатно звучи фактот што во втората четвртина губеше и со 24 поени (20-44).
До крајот на полувреме Србите ја преполовија негативата, а во вториот дел го комплетираа пресвртот и поведоа со 61-60. Од тој момент до крајот на основниот дел од мечот избраниците на Светислав Пешиќ беа во водство, успеаја да го запрат Пети Милс и да го контролираат резултатот. Можеа работата да ја завршат по 40 минути игра бидејќи при водство од 81-80, Василије Мициќ имаше две слободни фрлања. Погоди само едно, па Милс во последниот напад, на секунда пред крајот, преку Никола Јокиќ успеа да погоди и да се избори за продолжение.
А, во него царуваше Никола Јокиќ. Австралија подобро почна и имаше +3 и напад, но тогаш почна шоуто на кошаркарот на Денвер Нагетс. Прво го „залепи“ Гиди при еден негов влез, потоа направи два скока во одбраната (при едниот од нив ја извади топката од обрачот), украде една топка и постигна четири поени по ред за нов пресврт на Србија и водство од 93-90 на 25 секунди пред крајот. Австралиските кошаркари потоа не успеаја да изведат од аут, Петрушев украде и Богдан Богдановиќ од линијата за слободни фрлања стави точка на мечот.
Јокиќ повторно беше прво има на натпреварот, постигнувајќи 21 поен, 14 скока и 8 асистенции за индекс 35. Се истакна и Богдан Богдановиќ со 17 поени, но огромна работа, особено во одбраната завршија Алекса Аврамовиќ и Марко Гудуриќ кои по пеколниот старт успеаја да ги запрат Милс и Гиди. Милс беше прв стрелец со 26 поени, но 20 од нив постигна во првото полувреме, додека Гиди заврши со 25. Во полуфиналето, Србија ќе се сретне со подобриот од мечот меѓу САД и Бразил кој се игра вечер.


