Големата резултатска неизвесност пред финишот на првата фаза од шампионатот ја натера Кошаркарска федерација на Македонија (КФМ) да донесе очекувана одлука – сите натпревари од последното коло да се играат во ист термин, со цел да се избегнат калкулации и евентуални влијанија врз конечниот расплет.
Во пресрет на завршната рунда, дури пет екипи се во трка со само една победа разлика, а само три од нив ќе обезбедат место во плејофот. Останатите две ќе мора да продолжат во плеј-аут фазата, каде опасноста е уште поголема ако се знае дека половина од учесниците ќе испаднат во понизок ранг.
Дополнителна неизвесност има и на самиот врв, каде МЗТ Скопје и ТФТ се израмнети со учинок 19-2. Последното коло ќе реши кој ќе ја освои стартната позиција број еден, што според новиот систем на еднокружен плејоф носи значајна предност на домашен терен во директните пресметки со најголемиот конкурент.
Поради тоа, сите натпревари од 22. коло ќе се играат в недела, на 5 април, со почеток во 18:00 часот. Расплетот е толку сложен што дури и математичките пресметки за конечниот изглед на табелата стануваат сè потешки, особено во битката за трите места кои водат во плејоф покрај веќе сигурните Пелистер, МЗТ Скопје и ТФТ, како и во борбата за избегнување на друштвото на Ангели, Гостивар и Работнички во зоната за опстанок.
Двојки за последното коло:
Чаир 2030 – МЗТ Скопје
Тиквеш – ТФТ
Куманово – Работнички
Гостивар – Феникс
Маџари – Ангели
Кожув – Пелистер


