Кошаркарската репрезентација на Шпанија до 18 години приреди еден од најголемите пресврти во историјата на младинските европски првенства, совладувајќи ја Грција со 69-66 со што обезбеди пласман во полуфиналето.
Шпанците беа на работ на елиминација, откако во текот на натпреварот имаа негатива од дури 29 поени (19-48). Грција целосно доминираше во првото полувреме и на одмор замина со убедлива предност од 48-26, оставајќи впечаток дека прашањето за победникот е решено.
Сепак, во второто полувреме следуваше неверојатен пресврт. Шпанската селекција значително ја подобри играта во одбраната, а и нападот конечно проработе. На пет минути до крајот, резултатот беше израмнет, а потоа Шпанците првпат поведоа и не ја испуштија предноста до последниот звук на сирената.
Најефикасен во победничкиот состав беше Умберто Руиз со 22 поени, шест скока и три асистенции. Значаен придонес дадоа и Чиек Диало со 12 поени, како и Жерард Фернандез, кој постигна 15 поени и одигра важна улога во завршницата на натпреварот.
Со оваа драматична победа, Шпанија обезбеди место во полуфиналето, каде ќе се соочи со селекцијата на Словенија.


