Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ директно сведочеше на еден од најголемите пресврти во историјата на Евролигата.
За жал, тој се најде на губитничката страна бидејќи Олимпија Милано и покрај тоа што водеше со 27 разлика на 13 минути пред крајот на мечот, загуби од Жалгирис на домашен терен со 82-85. Литванскиот тим изгледаше загубен на теренот, особено во тој трет период во кој резултатот беше 64-37 за шампионот на Италија.
Жалгирис прво направи серија од 9-0, но дури ни тогаш никој не веруваше дека може да дојде до таков пресврт, па дури ни на некој начин да биде загрозена победата на Олимпија. Сепак, гостите во последната четвртина постигнаа 37 поени, повеќе отколку цело прво полувреме вкупно и ги искористија сите грешки на противничкиот тим. Неверојатно звучи тоа што не 3:30 пред крајот, Олимпија Милано водеше со 79-67 по што почна пеколниот финиш на Жалгирис. Тимот на Тринкиери го заклучи мечот со серија од 18-3 и го комплетира најголемиот клупски пресврт во историјата на Евролигата.
Димитријевиќ помина на теренот безмалку 24 минути и за тој период постигна 11 поени, 4 асистенции и 2 скока. По овој пораз, Олимпија Милано останува на претпоследната позиција на табелата во Евролигата со само една победа на четири меча.


