Репрезентацијата на Португалија е најпријатното изненадување на Европското првенство откако успеа да го продолжи својот пат на овој шампионат.
Во клучниот дуел, одигран денеска, Португалците ја совладаа Естонија со 68-65 и обезбедија пласман во нокаут фазата, првпат во својата историја. Ова е трет настап на оваа репрезентацијата на континенталните шампионати, во 2007 година ја поминаа групата, но тогаш се играше по друг систем, се влегуваше во друга група и португалската селекција не ја почувствува возбудата од играње во нокаут фаза. На второто учество, во 2011 година, не оствари ниедна победа и експресно си замина дома.
Денешниот натпревар беше решен во последната минута. Се чинеше дека Естонија ја има победата во свои раце откако поведе со 64-61, но Лисбоа потоа постигна пет поени по ред и Португалците го презедоа водството. Клучниот кош го реализира на 22 секунди пред крајот, во следниот напад Кристијан Куламае не успеа да погоди и Лисбоа од линијата за слободни фрлања стави точка на мечот.
Токму Лисбоа беше најефикасен со 17 поени, Куета постигна 15, а Вилијамс 11. Артур Конотсук ја предводеше Естонија со 20 поени, но оваа селекција, која во квалификациите ја елиминира Македонија, сепак го завршува својот настап на Европското првенство. Португалија во осминафиналето најверојатно ќе се сретне со Германија.


