Српскиот клуб Мега ќе биде следниот чекор во кариерата на еден од најголемите италијански таленти Луиџи Сиго.
Станува збор за 18-годишен центар, висок 220 сантиметри со слични физички карактеристики како Виктор Вембанјама. Почнал да се занимава со кошарка во родниот Варезе, но последните три сезони настапуваше за младинскиот тим на Олимпија Милано. Иако летово имал понуди од универзитетите Мичиген Стејт, Индијана и Пердју, Сиго одлучил да се пресели во Мега со која ќе настапува во АБА лигата.
Добро е познато дека Мега беше отскочна даска за НБА за многу големи кошаркарски ѕвезди, вклучувајќи го и Никола Јокиќ кој оттаму пред една деценија замина во Денвер. Планот со Сиго е да одигра една сезона во Мега, а потоа да замине во НЦАА, но не е исклучено да се пријави на НБА драфтот идната година.
Сиго беше меѓу најзаслужните што јуниорскиот тим на Олимпија Милано последната сезона стигна до финалето на Евролигата каде загуби од Жалгирис со 81-89. Центарот просечно постигнуваше по 14,5 поени и 5,7 скока, а во финалето против Жалгирис реализира 21 поен, 11 скока и 4 асистенции со индекс 33. За своите одлични партии, тој беше награден со место во идеалната петорка на турнирот.


