Битола ситно брои до почетокот на завршниот турнир од Купот на Македонија „Благоја Георгиевски Буштур“ кој ќе се одржи во овој град од утре до сабота.
Спортскиот директор на Кошаркарскиот клуб Пелистер, Филип Ивановски не го крие задоволството, но и возбудата во очекување на она што претстои во салата „Боро Чурлевски“. Последен пат Битола беше домаќин на Купот на Македонија во 2007 година кога таму триумфираше тимот на Вардар.
„По 17 години, кошаркарскиот Куп се враќа во Битола каде ќе играат осумте најдобри екипи во земјава. Среќни сме и возбудени што имаме чест и задоволство што годинава можеме да го организираме ова натпреварување и што по пет години тоа излегува надвор од Скопје и ќе се одржи во Битола.
Се надеваме дека посетеноста ќе биде на високо ниво, ова е спортска недела за нашиот град бидејќи имаме два ракометни спектакли и сега тридневна кошаркарска забава со завршницата од Купот. Очекуваме голем број гости од странство, најавено е и присуството на директорот на АБА и тоа ќе биде една одлична можност за промоција и на градот и на клубот.
Од спортски аспект, како организатори и домаќини, нормално е да се надеваме, прво дека ќе стигнеме до финалето, а таму се е можно. Јас како спортски директор, заедно со управата и стручниот штаб работевме макотрпно и овој настан е како јаготка на шлагот и се надеваме дека ќе ја оправдаме довербата која ни е укажана.
Битола можеби важи за ракометен град, но нема да биде лошо ако во иднина биде и кошаркарски. Најважно е да ги научиме младите да го сакаат спортот и да ја продолжат традицијата, а што ќе сакаат повеќе, останува на нив“, вели Ивановски.
Заедно со компанијата Таскофорс, која е доминантен сопственик на клубот, Пелистер најавува несекојдневен настан кој ќе им остане во сеќавање на сите љубители на кошарката што следните три дена ќе го следат Купот.
„Одлучивме цените да бидат популарни, дневен билет по 100 денари. Можеби мал проблем е тоа што Купот почнува в четврток што е работен ден, но нема пречки во попладневните термини, трибините да бидат исполнети и да се направи убава атмосфера.
Од организацискиот дел, сакаме настанот да го направиме спектакуларен, ќе има танцови групи кои ќе ја забавуваат публиката, подготвуваме наградни игри на полувремето и се она што може да им биде забавно и интересно на посетителите“, додава Ивановски.


