Македонскиот шампион МЗТ Скопје се наоѓа во исклучително незгодна ситуација кога станува збор за распоредот на натпревари во плејофот од АБА 2 лигата и во домашното првенство.
Причина за тоа се претстојните претседателски избори во Македонија чиј прв круг ќе се одржи на 24 април. Истиот ден МЗТ Скопје требаше да го пречека Спартак Суботица, во првиот полуфинален меч од разигрувањето за титулата во АБА 2 лигата. Поради изборите, натпреварот е одложен за сабота (27 април), со реванш на 4 мај во најсеверниот српски град.
Но, ваквиот распоред направи дополнителни проблеми во домашното првенство бидејќи за викендот беше планирано МЗТ Скопје да го игра првиот полуфинален натпревар од плјеофот, против ТФТ. Денеска во Кошаркарската федерација беше одржан состанок на кој требаше да се најде модел на играње на натпреварите, пред се од серијата меѓу МЗТ Скопје и ТФТ, но до договор не дојде.
Работнички и Пелистер првите два натпревара ќе играат сабота-сабота, а потоа најверојатно среда-сабота, но се уште е нејасно кога ќе играат скопските ривали. Една од идеите е првиот меч да се игра идниот вторник (30 април) и потоа четврток (2 мај), но за МЗТ Скопје тоа е пренатрупан распоред, со оглед на важноста на дуелите против Спартак кои можат да му ја продолжат надежа на шампионот за пласман во АБА 1.
Не треба да се заборави дека на 8 мај има уште еден круг избори, овојпат и претседателски и парламентарни, па нејасно е како ќе се играат и третиот и четвртиот (ако има потреба) натпревар од серијата.


