На две недели пред почетокот на Ол стар викендот, избрани се и преостанатите 14 кошаркари кои ќе настапат на главниот натпревар.
Во Источната конференција, покрај Брансон, Мичел, Адетокунбо, Тејтум и Таунс кои ги избраа фановите, ќе настапат уште Џејлен Браун од Бостон, Паскај Сијакам од Индијана, Дариус Гарланд од Кливленд, Кејд Канингем од Детроит, Еван МОбли од Кливленд, Дејмијан Лилард од Милвоки и Тајлер Хиро од Мајами. Најголем губитник на Истокот е Тре Јанг кој стана прв играч што две години по ред е изоставен од Ол стар изборот и покрај тоа што има просек од 22+ поени и 10+ асистенции.
Во Западната конференција, на Кари, Гилџес-Александер, Дурант, Леброн и Јокиќ, ќе им се придружат Ентони Едвардс од Минесота, Ентони Дејвис од Лејкерс, Џејмс Харден од ЛА Клиперс, Џерен Џексон од Мемфис, Алперен Шенгун од Хјустонб, Џејлен Вилијамс од Оклахома и Виктор Вембанјама од Сан Антонио. За Французинот од Спарс, ова ќе биде деби на Ол стар натпреварите, во неговата втора сезона во НБА.
Ол стар натпреварите од оваа година се играат по нов систем. Од двете конференции, навивачите, медиумите и играчите избраа по 12 кошаркари кои потоа ќе бидат поделени во три екипи од по осум, од селекторите Чарлс Баркли, Кени Смит и Шекил Онил. Четвртата екипа ќе ја сочинуваат играчите кои ќе победат на натпреварот на ѕвездите во подем, а ќе ги предводи Кендас Паркер. Со ждрепка ќе се одлучи кои тимови ќе се сретнат во полуфиналето, а победниците ќе настапат во финалниот меч. Триумфира екипата која прва ќе стигне до 40 поени.


