Во неделата заврши гласањето за стартерите за претстојните Ол стар натпревар што ќе се одржи во Сан франциско, а синоќа беа објавени имињата на кошаркарите кои ќе го почнат мечот.
Иако повеќе не се игра дуел меѓу Источната и Западната конференција, при гласањето кошаркарите така беа поделени и затоа има по петмина од едната и другата страна на САД. Од Истокот, на Ол стар натпреварот ќе играат Џејлен Брансон и Карл Ентони Таунс од Њујорк, Донован Мичел од Кливленд, Јанис Адетокунбо од Милвоки и Џејсон Тејтум од Бостон. Западот ќе го претставуваат Стеф Кари од Голден Стејт, Шеј Гилџес-Александер од Оклахома, Кевин Дурант од Феникс, Леброн Џејмс од Лејкерс и Никола Јокиќ од Денвер. Интересно е тоа што меѓу стартерите го нема Лука Дончиќ и покрај тоа што се очекува тој да се врати на терените непосредно пред Ол стар викендот.

За Леброн ова ќе биде рекорден 21. настап на Ол стар натпреварот, Дурант е избран по 15., а Кари по 11. пат. Останатите учесници имаат едноцифрен број Ол стар настапи на оваа манифестација.
НБА направи промена на Ол стар натпреварот и место класични две екипи со по 12 кошаркари, ќе има четири тима со по 8 и ќе се игра полуфинале и финале. Победник е екипата која прва ќе стигне до 40 поени, а љубителите на кошарката се скептици дека овој начин на натпреварување ќе донесе нешто добро.
Ол стар викендот оваа година ќе се одржи во арената на Голден Стејт во Сан Франциско, од 14 до 16 февруари.


