Иако сите очекуваа уште една пресметка во финале на „вечните“ ривали во српското првенство Партизан и Црвена Звезда, ниеден од нив не се избори за место во мечот за титулата.
Шампионатот на Србија првпат се игра во Ф4 систем, слично на Купот, а двата полуфинални натпревари донесоа сензационални резултати. Прво ФМП го победи Партизан со 92-79, а вечерва Спартак беше подобар од Звезда со 90-89. Тоа значи дека ФМП и Спартак утре ќе го одредат новиот шампион на Србија.
Финалето ќе претставува преседан во историјата на српската кошарка бидејќи во досегашните 18 сезони, секогаш или Партизан или Звезда (или двата тима заедно) играле во мечот или серијата за титулата. Сите 18 титули од осамостојувањето на Србија ги освоија „вечните“ ривали и тоа рамномерно поделени – по девет.
Ако се земе и периодот на Србија и Црна Гора, последниот кој ја прекинал доминацијата на Звезда и Партизан беше Будуќност во периодот од 2000 до 2002 година.


