Актуелниот вицешампион Пелистер го доживеа првиот пораз во сезоната откако загуби на гостувањето во Гостивар со 66-77.
Битолскиот тим беше еден од трите без пораз во досегашниот дел од шампионатот, но не успеа да најде противигра за мотивираните домашни кошаркари кои одиграа извонреден меч и ја остварија првата победа сезонава пред своите навивачи. Гостивар го презеде водството во последната минута од првата четвртина и не го испушти до крајот на мечот.
На три минути пред крајот на полувреме имаа и двоцифрена предност (37-27), а највисоката предност ја достигнаа во финишот од третиот квартал кога поведоа со 60-40. Пелистер никако не успеваше да го најде својот ритам, а најзначаен фактор за поразот беше очајниот шут за тројка. Пелистер погоди само еднаш од 18 обиди, а потфрлија сите играчи, со исклучок на Едвардс и Мишковиќ.
Максим Митевски го предводеше Гостивар со 21 поен и 8 скока, Роудс додаде 19, а Соколов 17 поени. Кај Пелистер, убедливо најдобар беше Едвардс со 26 поени и 12 скока, а зад него Мишковиќ со 16 поени и 11 скока.


